Директорката на Агенцијата за квалитет во високото образование, доц. д-р Христина Серафимовска, во периодот од 31 август до 5 септември 2025 г. реализираше студиска посета на Агенцијата за наука и високо образование на Хрватска во Загреб.
За време на студиската посета, двата тима се фокусираа на: градење на одржлив капацитет за обезбедување квалитет, зајакнување на имплементацијата на Стандардите и упатствата за обезбедување квалитет во Европскиот простор за високо образование (ESG), подготовка за претстојниот надворешен преглед на АКВО од страна на Европската асоцијација за обезбедување квалитет во високото образование (ENQA); и истражување на можностите за регионална соработка поддржана од RCC и ERI SEE.
Како конкретен следен чекор, Агенцијата за наука и високо образование на Хрватска, RCC и ERI SEE се согласија да подготват сет препораки за поддршка на Агенцијата за квалитет на високото образование на Македонија во зајакнувањето на културата на квалитет и имплементацијата на ESG.
Посетата резултираше со потпишување на Меморандум за соработка, со кој се формализира посветеноста на поблиска соработка помеѓу двете агенции.
Оваа посета беше организирана со поддршка на Советот за регионална соработка (RCC) и Иницијативата за реформа на образованието на Југоисточна Европа (ERI SEE), а е дел од спроведувањето на Акцискиот план за заеднички регионален пазар за Западен Балкан и е финансирана од Европската Унија.